Поранешниот каталонски лидер, Карлес Пуџдемон е уапсен од германската полиција, постапувајќи по европскиот налог за негово апсење што го издаде шпанскиот Врховен суд, јавува „Би-би-си“.
Пучдемон, кого шпанските власти го обвинуваат за бунт, бил задржан додека патувал од Данска кон Белгија.
– Претседателот патуваше кон Белгија за да се стави, како и секогаш, на располагање на белгиската правда – изјавил неговиот портпарол, Жоан Марија Пике.
Германската полиција соопшти дека Пуџдемон бил уапсен од сообраќајна патрола во северната сојузна држава Шлезвиг – Холштајн, која се граничи со Данска.
Соочен со заканата од негово апсење по меѓународните потерници издадени од Шпанија, Пучдемон во саботата ја напушти Финска, каде престојуваше извесно време.
Шпанските власти го обвинија Пуџдемон за бунт, поради неуспешпниот обид за прогласување на независност на Каталонија во октомври, минатата година, кога беше орагнизиран референдум за отцепување.
Шпанскиот суд во петокот издаде потерници за шестмина каталонски сепаратистички лидери, меѓу кои и за Пуџдемон.
Според шпанските закони, обвинението за бунт предвидува казна до 30 години затвор.