Институт за економски истражувања и политики Finance Think очекува раст на економијата од 3,3 отсто за следната година. Овие проекции Институтот ги објави во Макроекономскиот монитор за третиот квартал.
– Основните претпоставки на оваа проекција вклучуваат стабилизација и намалување на политичките неизвесности, продолжување на приливот на странски инвестиции, забрзување на реализацијата на капиталните инвестиции на државата, како и отсуство на позначајни нарушувања во надворешната побарувачка – велат од Институтот.
Според макроекономскиот монитор за третиот квартал од 2018, БДП порасна за 3 отсто на годишна основа.
– Иако овој раст сѐ уште е под потенцијалот на економијата, тој укажува на блага стабилизација на економската активност по продолжениот период на политичка неизвеност.Особено, растот на потрошувачката на домаќинствата останува детерминиран од растот на платите – во дел одреден и од зголемувањето на минималната плата, потоа од растот на кредитите на населението и на дознаките. Сепак, падот на бруто инвестициите и понатаму ја одразува значителната воздржаност на инвеститорите, како и застојот сврзан со реализацијата на државните капитални инвестиции. На производната страна, растот е на поширокопојасна основа споредено со претходно – велат од Finance Think .
Оценка е и дека, стапката на невработеност забележа понатамошно намалување до 20,8 отсто. Темпото на намалување на невработеноста е слично како во претходниот период. Падот на невработеноста главно се должи на исцрпување на ефектите од претходните политики: вработувањата во странските фабрики (пораст на вработеноста во преработувачката индустрија) и активните мерки за вработување.