Естонските искуства можност за македонските бизниси да се пробијат на пазарот на ЕУ

91

Само преку соработка со бизниси надвор од сопствената земја може да се постигнат високи резултати. Тоа го научија естонските бизнисмени, а тоа може да биде добро искуство за македонските. Ова денеска по бизнис форумот на македонски и естонски бизнисмени во Стопанската комора го изјави извршниот директор на Естонската стопанска комора за трговија и индустрија, Маит Палтс.

– Естонските бизнисемни имаат интерес да соработуваат со колеги од сите земји, па зошто не и со македонските. Македонија е земја која има слична даночна политика, но со понски даноци што е од интерес за компаниите. Нашите компании имаат интерес да соработуваат во сите области и денешните средби ќе бидат добри за нив – рече Палтс.

Претседавачот со Собранието на Стопанската комора, Антони Пешев смета дека Македонија може да ги искористи искуствата на Естонија за да го подигне нивото на дигитализација, но и да научи од оваа мала економија како се повлекуваат средства од европските фондови.

– Естонија има слична ситуација како нас, но има голем напредок во процесот на издигање како партнер на европската економија. Ако ние тука, во овој сегмент, не направиме максимални напори за да бидеме конкурентни, ќе ја срушиме својата сопствена предност во однос на големите економии – да бидеме попаметни, подобри и покреативни како извор на сервиси. Дигитализацијата, ведно, е високо на агендата на ЕУ – рече Пешев.

Според него, трговската соработка со Естонија до сега се одвиваше инцидетно, неорганизирано и без стратегија. Иако македонската страна бележи позитивно трговско салдо и суфицит од околу три милиони долари, примерот не е дооволно добар.

Веино Реинард, заменик министер во Министерството за надворешни работи на Естонија е согласен дека трговската размена меѓу двете земји е мала, но како што рече, има надеж дека во иднина ќе се подобри.

– До пред три години размената беше ограничена на 400.000 евра. Но, оттогаш до сега се зголеми за 15 пати. Достигна шест милиони евра. Ова е значителен напредок, но можеме уште повеќе -рече Реинард.

Во однос на увозот и извозот, Македонија во Естонија најмногу пласира електрични спроводници, а увезува конзервирана риба.

На Форумот беше најавено дека е во план воспоставување на директната авио-линија Охрид – Талин, а беше испратена и порака за нужно интензивирање на деловната соработка меѓу двете земји со оглед дека за тоа нема никаква реална пречка, ниту постојат отворени прашања.

Заменик министерот за надворешни работи на Естонија изјави и дека Македонија има поддршка од неговата земја за влез во ЕУ и НАТО.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...