Висок руски политичар негувал врски со конзервативната Национална стрелачка асоцијација (НРА) наводно со намера да ја финансира претседателската кампања на Доналд Трамп, јави дописникот на МИА од Вашингтон.
Александар Торшин, заменик гувернер на Банка на Русија, поранешен сенатор и потпретседател во руската Дума, од 2011 до 2016 редовно патувал на конгресите на НРА, се запознал се сите нејзини претседатели (кои годишно ротираат) и носел подароци на истакнати лобисти за слободна употреба на оружје во САД, јави Ен-Пи-Ар.
Торшин е близок соработник на рускиот претседател Владимир Путин. Тој учествува и во рускиот Национален антитерористички комитет, во кој членуваат и директорите на Федералната служба за безбедност (ФСБ) и руските министри за одбрана, за внатрешни и за надворешни работи.
Како член на НРА од 2011 асоцијацијата за оружје му помогнала да стане набљудувач на претседателските избори во 2012 кога силите ги мереа Барак Обама и Мит Ромни, јави „Ен-Пи-Ар“.
Своите патувања во САД, Торшин ги соопштувал преку социјалната мрежа Твитер каде објавувал фоторафии и пораки за тоа дека во САД никој не ја критикува Русија. Соопштил и дека на собир на НРА во 2015 се сретнал со тогашниот претседателски кандидат Доналд Трамп.
Торшин бил под лупа на Федералното биро за истраги (ФБИ), за наводно нелегално финансирање на кампањата на Трамп преку канали на НРА.
Со пропагирање милитаристички слогани преку своите медиуми и повици за повеќе оружје во училишните установи за наводна одбрана од напади НРА е главен генератор на контраверзи и конфронтации во американското општество.
Истражни дејствија покренати од Конгресот и од Министерството за правда утврдуваат дали поединци поврзани со Кремљ под покритие дека се воодушевени од политичкиот систем на САД, злоупотребувале такви теми како контрола на слободна продажба на оружје или односите помеѓу етничките заедници за да сеат раскол во јавноста.
Две сенатски и конгресни комисии за разузнавање се ангажирани со истраги за наводните врски на кампањата на Трамп со Русија.
Откако специјалниот обвинител Роберт Мјулер обвини 13 руски државјани и три компании за наводна вмешаност во демократските процеси на САД со сеење раскол и дезинфорации во полза на еден кандидат за време на предизборната кампања во 2016, епизодата со Торшин е уште еден показател за улогата што Русија ја играла во изборот на Трамп за претседател на САД.
НРА негираше дека примала пари или помош од странски државјани поврзани со избори во САД.
Глен Симпсон, еден од основачите на фирмата „Фјужн-ГПС“ во ноември за време на конгресно сослушување зад затворени врати изјави дека Русите се инфилтрирале во НРА.
– Руската специјална операција беше дизајнирана да се изврши инфилтрација во разни американски конзервативни и религиозни организации. Со сигурност тие успеале да влезат во НРА.
„Фјужн-ГПС“ го ангажираше британскиот агент Кристофер Стил да ги истражи врските на Трамп со Русија, и од тоа истражување во 2016 беше објавено таканареченото „Руско досие на Трамп“. Ова досие беше основа за именување на специјален обвинител која истражува за врските на кампањата на Трамп со Русија.