Македонската асоцијација за човечки ресурси (МАЧР) оваа година ќе ја организира 10-тата, јубилејна годишна конференција за човечки ресурси. Темата на која ќе излагаат експертите е „Од менаџмент со човечки ресурси – до почитување на луѓето“ (From HR to RH – Respect for Humanity) и во рамките на истата ќе се дискутира од повеќе аспекти и различни сектори и индустрии.
Организаторот најавува присуство на истакнати експерти од оваа област, како и универзитетски професори од Италија, Португалија, Словенија, Унгарија, Грција и Австрија, кои ќе ги пренесат искуствата и практиките од другите земји. Основната цел е развој и промовирање на добрите практики во професијата управување со човечки ресурси, како и подигање на нивото на свеста за значењето на оваа професија за секоја компанија и за бизнис климата во целина.
Конференцијата за човечки ресурси, на која секоја година има повеќе од 300 учесници, претставува можност да се научат нови практики, вештини, како и напредни знаење од светски компании и трендови кои преку експозеа и студии на случај ги пренесуваат странските експерти, што дава и поттик и мотивација за внесување на човечките ресурси и во нашите компании. Тоа е и место на кое се сретнуваат понудата и побарувачката на услугите во овој сегмент и дава можност за воспоставување контакти и обнова на постоечките, размена на знаења и совети со колеги од други организации.
На конференцијата, исто така, повторно ќе бидат доделени награди во рамките на изборот за најдобар HR менаџер којшто првпат беше организиран во 2014 година, а чија цел е да се препознае, признае, промовира и да се награди успехот на најпосветениот професионалец во делот на управување со човечките ресурси. Оваа награда е признание и за организацијата која е посветена во интегрирање на успешните практики во делот на управувањето со човечките ресурси како една од носечките алки во делувањето на организацијата.
Македонската асоцијација за човечки ресурси која е главен организатор на конференцијата инаку е стручно, невладино, непартиско и непрофитно здружение на граѓани чија основна цел е развој на работната сила, промоција и унапредување на професијата управување со човечките ресурси, како и подигање на свеста за значењето на оваа област за секоја компанија. Oваа година организацијата на настанот е во партнерство со компанијата Вработување.ком.
Пријавувањето за годишната конференција што ќе се одржи во мај, веќе е во тек а за сите заинтересирани повеќе информации сe достапни на линкот.