Дваeсет и петтото продолжение на серијалот за агентот 007 ќе го режира британскиот режисер Дени Боил, а во главната улога повторно ќе се појави Даниел Крег.
Оскаровецот Боил, кој важи за фаворит на Крег, веќе има готово сопствено сценарио напишано со неговиот соработник од „Треинспотинг“ Џон Хоџ, со кое ќе конкурира на сценариото напишано од редовните автори на филмовите за Џејмс Бонд, Нил Парвис и Роберт Вејд.
Според британскиот новинар Баз Бамигбој, кој важи за познавач на случувањата околу филмовите за Џејмс Бонд, сепак, Боил ќе го режира филмот, но под условите кои ќе ги постават продуцентите.
„Дени Боил ќе го режира следниот 007, а снимањето ќе почне на крајот од годината, доколку сценариото на Џон Хоџ биде одобрено. Продуцентите Барбара Броколи, Мајкл Вилсон и Даниел Крег се подготвени тоа да го овозможат“, напиша Бамигбој на Твитер.
Доколку продуцентите во целост ги прифатат условите на Боил ќе треба да го одбијат сценариото на Нил Парвис и Роберт Вејд, кои од 1999 година се автори на последните шест филмови за агентот 007.