Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш го именуваше поранешниот градоначалник на Њујорк Мајкл Блумберг за специјален пратеник на ОН за климата.
Гутереш го пофали Блумберг, кој одамна е поборник за чиста енергија, за работата во борбата против климатските промени, особено откако претседателот Доналд Трамп одлучи да ги повлече САД од Парискиот договор за климата.
– Малку нешта денес, кога се во прашање климатските промени, зависат од централната влада. Решавачка е реакцијата на општеството. Решавачки се активностите на компаниите и управуавањето со градовите – изјави Гутереш.
Блумберг ќе работи за примена на стратегија на ОН за климата и за исполнување на целите на Парискиот договор и ќе му помага на Гутереш во подготовката на средбата на врвот на ОН за климата во 2019 година.