Филмот „Бикини Мун“ на Милчо Манчевски од утре ќе се прикажува и во 3Д Кино Битола, а потоа и во другите градови низ Македонија. Премиерно пред домашната публика филмот беше прикажан во Скопје на 22 март во кино „Милениум“, каде што е на репертоарот во термините од 20 и од 22 часот.
„Бикини Мун“ е американски филм на Манчевски, сниман на локации во Њујорк. Приказната – психолошки портрет на Бикини Мун Дејвис – говори за искршениот идеал на модерното семејство, но и за изгубената приватност во светот окупиран од камери, мобилни телефони и сеприсутните социјални мрежи. Филмската структура на „Бикини Мун“ е филм во филм, во кој филмската стварност е двојно манипулирана.
Светската премиера на филмот беше во Бразил на фестивалот во Сао Пауло, а потоа во Португалија ја освои специјалната награда на жирито. Беше прикажан и на фестивалите во Сан Хозе, Калифорнија (Синеквест), Белград и Софија. Следува Истанбул, каде проекциите се веќе распродадени, па Франкфурт, Нешвил, Менхетен…