Шефот на Светскиот сервис на Би-Би-Си, Тарик Кафала нагласува дека враќањето на британскиот медиумски сервис на српскиот медиумски простор е со цел да се испраќаат точни и непристрасни вести.
Би-Би-Си не се враќа во Србија по седум години поради јакнење на руското влијание, туку затоа што е согледано оти постои празнина во медиумскиот простор и оти српскиот пазар е најголем во регионот што овозможува најголемо влијание, изјава Кафала за белградските медиуми.
– Веруваме дека во Србија постои празнина… Постојат многу медиуми, активни, некои се многу добри. Но, ситуацијата, политичка и економска, значи дека има малку редакции независни од комерцијални и политички интереси и тоа отвора простор за нас – изјави Кафала.
Редакцијата на Би-Би-Си на српски престана со работа на 25 февруари 2011 година. Освен неа згаснаа и редакциите на македонски и албански јазик, по острите мерки за штедење на британската влада и драстичното намалување на буџетот за Светскиот сервис на Би-Би-Си.
Новиот сервис ќе биде дигитален, во почетокот пет дена неделно, а потоа седум дена.
– Ќе биде ставен нагласок на објаснување, анализи, истражувачки стории, дигитално видео – додаде Кафала.
Тој објаснува дека покренуавњето на сервис на српски не е директно поврзано со спротиставување на влијанието на руските медиуми РТ и Спутњик.
– Тоа нема директна врска, ние имаме сопствени мерки каде веруваме дека постои потреба и во светскиот сервис реагираме на тоа ако имаме ресурси – потенцира тој во интервју објавено на сајтот на белградската агенција Бета.