Азески предлага договор за да се одбегне двојното оданочување со Грција

103

Потенцијалите за зајакнување на економската соработка сè уште не се искористени максимално“, констатира Азески во писмо до Михало.

Претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески, испрати писмо до претседателот на Унијата на грчките трговско-индустриски комори, Константинос Михало, во кое предлага повторно да бидат интензивирани активностите за склучување на Договор за одбегнување на двојното оданочување меѓу Македонија и Грција.

„Економијата е таа која секогаш прва гради мостови помеѓу државите, примерот за Македонија и Грција, најдобро го покажува тоа. Бизнисот беше тој кој во изминатите години непрекинато ја одржуваше билатералната соработка помеѓу двете земји, дури и кога политичките процеси затајуваа“, се наведува во писмото на Азески.

Претседателот на Стопанската комора посочува дека компаниите од двете земји секојдневно соработуваат, реализираат инвестиции и заеднички проекти, нагласувајќи дека обемот на размена меѓу Македонија и Грција е во постојан пораст, како што покажуваат и податоците, според кои во 2017 година, вкупниот извоз изнесувал 180,04 милиони евра, со пораст од 21,9 отсто во споредба со 2016 година.

„Имајќи ја предвид географската близина, инфраструктурната поврзаност, но и воспоставените деловни врски помеѓу компаниите од двете земји, потенцијалите за зајакнување на економската соработка сè уште не се искористени максимално“, констатира Азески.

Тој истакнува дека за таа цел потребно е Македонија и Грција да склучат поголем број билатерални договори, вклучувајќи и договор за одбегнување на двојното оданочување, за трговска и царинска соработка, како и договори за заемни патувања на граѓаните.

„Нашите компании заеднички можат да постигнат многу. Тие можат да бидат клучниот фактор за достигнување на посакуваното ниво на економски раст и развој во двете земји, но затоа да се случи, на бизнисот мора да му бидат обезбедени потребните услови“, посочува претседателот на Стопанската комора.

Стопанската комора на Македонија и Унијата на грчките трговско-индустриски комори уште во 2007 година пред надлежните органи го покренаа прашањето за склучувањето на Договор за одбегнување на двојното оданочување, но заложбите досега не забележаа успех.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...