Турските власти денеска ја одбија понудата на францускиот претседател Емануел Макрон, Франција да посредува меѓу Турција и Сириските демократски сили (СДФ), во кои доминираат борците на сириските Курди.
– Ги отфрламе сите напори чија цел е воспоставување дијалог, контакти или посредништво меѓу Турција и терористичките групи – изјави портпаролот на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, Ибрахим Калин.
Реакцијата на Анкара следи по средбата на Макрон со делегација коалицијата Сириски демократски сили (СДФ), во која најголема групација се Силите за заштита на народот (ЈПГ) на сириските Курди, кои Анкара ги смета за терористичка организација и огранок на Курдската работничка партија (ПКК) во Сирија.
Турција, која минатата недела го освои реонот на сирискиот град Африн по двомесечна офанзива против Силите за заштита на народот, повеќепати се закани дека своите операции ќе ги прошири кон исток до сирискиот регион Манбиџ каде се стационирани и американски трупи.
Турскиот Совет за национална безбедност по вчерашниот состанок соопшти дека Турција ќе преземе акција, доколку екстремистите веднаш не се повлечат од Манбиџ и областа источно од реката Еуфрат.
Ширењето на турската воена офанзива на многу поголема територија која е под контрола на Курдите на исток, што турскиот претседател Тајип Ердоган вети дека ќе го направи, би довело до ризик од конфронтација меѓу сојузниците од НАТО, кои се во спор околу американската политика во Сирија и други прашања, предупредуваат аналитичарите.