Министерот за култура, Асаф Адеми денеска во Министерството за култура одржа прес-конференција на која направи пресек на проектите и активностите што се реализираа во 2018 година со поддршка од Министерството за култура, со посебен осврт на изминатите седум месеци од неговото назначување на оваа функција.
Тој информираше дека оваа година беа поддржани повеќе од 2 000 проекти, кои беа дел од Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата и од конкурсите „Млади Европејци“ и „Нов културен бран“.
Во своето обраќање пред новинарите, министерот Адеми посочи дека и покрај фактот што Министерството за култура за 2018 г. располагаше со буџет од 3 696 695 000 денари, кој со Ребалансот беше намален за 2,21 % и изнесуваше 3 614 695 000 денари, средствата беа рационално искористени за поддршка на реализацијата на проектите од Годишните конкурси, за капитални инвестиции, за поддршка на уметниците и за подобрување на условите за работа во институциите од областа на културата.
Адеми информираше дека во текот на 2018 година беа формирани две нови национални установи, и тоа: „Гостиварски театар“, институција чија прва премиера се очекува следната година, и „Ансамбл на албански народни ора и песни во Република Македонија“ – Скопје, кој неодамна го реализираше и својот прв концерт. Адеми посочи дека од особено значење за културните работници е и одлуката со која од март следната година ќе се изврши нивелација на платите на вработените во институциите од областа на културата, а на која се чекаше подолго од една деценија. Министерството и годинава, како што посочи Адеми, продолжи со поддршката за уметниците во делот на месечните надоместоци за придонесите за здравствено, пензиско и инвалидско осигурување и за персоналниот данок на доход, и тоа за вкупно 109 уметници, а двојно беше зголемена и поддршката за Конкурсот за стручно усовршување на талентирани уметници и дефицитарни стручни кадри.
Министерот за култура најави дека следната година Скопје и Република Македонија ќе бидат домаќини на два големи меѓународни настани: јубилејната 5-та Конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог и Форумот за културна соработка на земјите од Централна и Источна Европа и Народна Република Кина на министерско ниво.