Албанскиот претседател, Илир Мета порача од Корча дека ширум ги отвора вратите на претседателската резиденција за дијаспората да ги одржи планираните протести.
Изјавата на Мета следува откако Полицискиот комесаријат од Тирана не даде дозвола за одржување протести на дијаспората на 28, 29 и 30 декември пред Владата во Тирана.
– Албанците протестираа и за време на диктатурата, независно од страшната цена која ја плаќаа. Не верувам дека полицијата не го дозволила одржувањето на протестите, но ако тоа е така ги повикувам сите емигранти да протестираат во дворот на претседателската резиденција – изјави Мета.
Протестите на емигрантите ги организира активистот Генц Сејко, а требаше да се одржат пред Владата во Тирана.
Тој пред новинарите ги презентира барањето за дозвола доставени вчера, и негативниот одговор од полицијата добиен денеска, оценувајќи дека на овој начин се крши основното човеково, уставно и демократско право.
Најави дека протестите ќе се одржат, дека тие ќе бидат мирни и оти учество најавиле албански емиграти од САД, Италија, Грција, Германија и други земји.
Во одговорот потпишан од директорот на полицијата на Тирана, Кастриот Скендерај, стои дека вакви активности во споменатите денови, во различни интервали не се можни, бидејќи се попречува нормалното движење на возилата на институциите за брзи интервенции, јавниот транспорт и возилата во приватна сопственост.
Полицијата, исто така, предупредува дека доколку има активности спротивно на законот, организаторот и учесниците ќе ја преземат целата одговорност.
ФОТО: EPA / MALTON DIBRA