Феноменот на заминувањето на младите образовани луѓе од земјите на Западен Балкан нема да се намали со зачленување на тие земји во ЕУ, туку, напротив, ќе се зголеми, смета аналитичарот на Европската иницијатива за стабилност Андан Черимагиќ и извршната директорка на тинк тенкот „Популари“ Алида Врачиќ.
Неодамна Галуп објави истражување за „одливот на мозоци“ глобално, во 152 земји ширум светот, во коe Западен Балкан е најлошо рангиран во Европа.
Истражувањето покажа дека 42 отсто од граѓаните на Косово сакаат да емигрираат, што е најлош резултат во Европа и трет во светот.
Од БиХ и Албанија сакаат да си заминат 32 отсто од граѓаните, а по овие земји следуваат Македонија со 30 отсто и Србија со 25 отсто граѓани кои сакаат да емигрираат.
Черимагиќ и Врачиќ сметаат дека дури и со влезот на земјите од регионот во ЕУ, тој тренд би продолжил да расте.
Како пример ја наведуваат Хрватска, која во 2013 стана членка на ЕУ, а во која бројот на невработени од средината на 2015 до средината на 2016 падна за 95.000, но бројот на вработени се зголемил само за 14.000.
Тоа значи дека Хрватска ја напуштиле 80.000 луѓе.
Интернет порталот „Јуропиан Вестерн Балканс“ (European Western Balkans) предупредува дека последиците од одливот на мозоци се повеќекратни и оти се многу поголеми за сиромашните држави, поради инвестирањето во кадрите кои ќе си заминат од земјата.
Исто така, како што наведува, покрај проблемите со недостигот на кадрите, кои се јавуваат во речиси сите сектори, може да биде загрозено и покривањето на пензискиот фонд, затоа што на Западен Балкан, како и на ЕУ, му следува неповолен старосен тренд.
– Денес имате околу четири работоспособни лица за секој потенцијален пензионер, а до 2050 веројатно ќе има само две, предупредува Врачиќ.
Во текстот се потсетува и дека Германија минатата година усвои Закон за миграција на образована работна сила, со цел привлекување работници кои работодавачите од сега можат полесно да ги вработат и ако доаѓаат од земји вон ЕУ.