Русија ја гарантира испораката на природен гас за Европа, дури и во случај да не се постигне договор со Украина за транзит, изјави рускиот министер за енергетика Александар Новак.
– Каква и да биде ситуацијата ние гарантираме испорака на руски гас според потпишаните долгорочни договори од страна на „Газпром“. Во таа смисла европските потрошувачи ќе бидат обезбедени со неопходните количества – истакна Новак.
Според него, негативно влијание врз преговорите за транзит преку Украина има судскиот спор меѓу руската компанија „Газпром“ и украинската „Нафтогаз“.
Кон крајот на следната година истекува рокот на потпишаните договори во 2009 година меѓу „Газпром“ и „Нафтогаз“ за испорака на гас во Украина и за транзит на гас преку територијата на земјата до Европа. Прашањето за заштита на транзитот на руски гас по 2019 година се разгледува и во контекст на планираната изградба на гасоводот Северн тек 2 од Русија кон Германија, кој ги заобиколува транзитните земји.