Смртниот биланс од вчерашниот напад врз административните згради во Кабул се искачи на 43 лица, јави ДПА. Во нападот се повредени најмалку 25 лица..
Тројца напаѓачи се убиени во операција на авганистанските безбедносни сили, при што се ослободени и 357 луѓе, кои беа заложници на екстремистите.
Во меѓувреме, Абдула Абдулa, извршен директор во авганистанската Влада, индиректно ги обвини Талибанците за нападот, велејќи дека „талибанскиот криминален синдикат мора да знае дека со секој напад што го извршуваат против нашиот народ, нашата решеност за да ги елиминираме е дополнително зајакната”. Ниту една група официјално не презеде одговорност за нападот.
Нападот траеше осум часа и почна со експлозија на автомобил, а потоа извршителите отворија жесток оган. Потоа напаѓачите почнаа да влегуваат во административните згради и да земаат заложници.
Тоа беше 22. напад во Кабул од почетокот на годината, при што вкупно загинаа над 510 луѓе, а повредени се повеќе од илјада.