Тевдовски напорно работел годинава, следната очекува да жнее резултати

Следната година очекува да се видат резултати од реформите преземени во 2018 година, односно платите да растат, невработеноста да се намалува, инвестициите да се зголемуваат, а јавниот долг да остане на контролирано ниво.

173

За министерот за финансии Драган Тевдовски годинава била напорна за секторот, оти интензивно се работело на ставање под контрола на јавниот долг, на даночните реформи, на финансиската консолидација. Следната година тој очекува да се видат резултатите од реформите преземени во 2018 година, односно платите да растат, невработеноста да се намалува, инвестициите да се зголемуваат, а јавниот долг да остане на контролирано ниво.

– Годинава имаме сет од десет клучни реформи во јавните финансии. Јавниот долг е ставен под контрола – во 2016 година јавниот долг изнесуваше 48,8 отсто, денеска тој изнесува 48,2 отсто. Зголемена е довербата на инвеститорите, што влијаеше на намалување на каматната стапка и зголемување на рочноста на инструментите што ги нуди Министерството. Годинава издадовме 30-годишна обврзница, како и најуспешната еврообврзница досега со историски најниска каматна стапка од 2,75 отсто. Фискалната консолидација се спроведува постепено во насока на одржливост на јавниот долг. И следната година проектиравме понизок дефицит во однос на годинава, како процент од БДП, но и во апсолутен износ понизок – рече Тевдовски на последната прес-конференција за годинава.

Тевдовски рече дека подготвени се даночна и пензиска реформа кои ќе обезбедат фер даночен систем и стабилизирање на пензискиот фонд.

Подобрување на состојбите во јавните набавки министерот очекува со донесување на Законот за јавни набавки кој е во собраниска процедура и целосно е усогласен со европските стандарди.

Министерот рече дека континуирано се работи на подобрување на фискалната транспарентност, како најдобар механизам за контрола на управувањето на јавните финансии.

Во однос на формирањето на Фискален совет, рече дека заедно со Светска банка работат на Законот за буџет кој треба да биде готов следната година.

Тевдовски се пофали и со системското решение за заостанатите обврски од претходната власт.

– Прво направивме закон и платформа за задолжителна евиденција на заостанатите обврски од страна на институциите, општините, фондовите. Потоа пристапивме кон решавање на проблемот – голем дел од обврските се сервисирани. Направивме законски механизми кои ќе спречат натрупување на нови обврски – рече Тевдовски.

Економијата годинава ќе забележи раст еднаков на проектираниот од 2,8 отсто.

– Растот за разлика од порано е остварен од приватниот сектор – рече Тевдовски.

Годивана, според него, ја одбележаа растот на платите, намалувањето на невработеноста, како и враќањето на довербата кај инвеститорите.

– Платите, заклучно со октомври, пораснаа за 5,7 отсто. Невработеноста е значајно намалена и се приближува до 20 отсто. Отворени се над 14 илјади нови работни места. Странските директни инвестиции се значително повисоки во однос на минатата година. Индустриското производство во континуитет забележува добри резултати, додека извозот има двоцифрен раст – рече Тевдовски.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...