Пахор е за дијалог со Загреб, но и за спроведување на арбитражата

55

Словенечкиот претседател Борут Пахор рече дека ќе се залага за смирување на напнатоста и за постојан дијалог со Хрватска, но дека верува дека ќе дојде до спроведување на арбитражната одлука за границата, на што инсистира Словенија, иако Хрватска не ја признава таа одлука и нуди билатерални преговори за пограничниот спор.

– Бидејќи вниманието на меѓународната јавност во однос на примената на арбитражната пресуда и нејзината чувствителност веќе е намалено, „сега би било добро да се дозволи дебатата за тоа да се смири некое време“ – изјави Пахор за Словенечката телевизија, во интервју за настани кои ја одбележаа изминатата година со акцент на домашни теми.

Пахор рече дека во меѓувреме, се додека не дојде до решение на спорот околу примената на арбитражата, ќе се залага за „константен дијалог помеѓу Загреб и Љубљана во врска со тоа како да се реализира арбитражната пресуда“.

– За нас не доаѓаат предвид алтернативи, но нервоза и нетрпеливост не се потребни, бидејќи порано или подоцна границата ќе биде таму каде што ја определи арбитражниот суд, а во тоа сум сосема уверен – истакна Пахор.

Хрватска, со одлука на Парламентот, во 2015 година излезе од арбитражниот процес и не ја прифаќа одлуката за гранично решение, донесена во 2017 година. Таа нуди билатерални разговори, што Словенија ги одбива.

Поради неприменување на арбитражното решение, Словенија оваа година поднесе тужба против Хрватска во Судот на ЕУ во Луксембург, тврдејќи дека Хрватска со своето одбивање на арбитражата го крши европското право.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...