Српската опозиција синоќа во Белград одржа нов протест против насилието под слоганот „Еден од петте милиони“.
Според организаторите на собирот, на ова трета по ред протестна прошетка низ улиците на Белград учествувале околу 40.000 „незадоволни граѓани“, носејќи го транспрентот „Стоп на крвавите кошули“.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, колоната на граѓани кои протестираа беше долга речиси еден километар. Тие се движеа по централните улици на Белград, од „Студенсткиот плоштад“, минувајќи пред Владата на Србија, па се до плоштадот „Славија“.
Демонстрантите кусо се задржаа пред зградата на РТС, создавајќи „пет минути бучава“ во знак на протест против информирањето на државната телевизија за искажаното незадоволство на протестите од актуелната состојба во Србија..
Пред почетокот на протестот на присутните им се обратија актерот Бранислав Трифуновиќ, карикатуристот Душан Петричиќ и новинарот Милан Јовановиќ, кому неодамна му беше запалена куќата.
– Никогаш не ни било полошо, а ние за тоа молчиме и шепотиме. Луѓето молчат од страв, бидејќи денес изговорениот збор е опасност. Заради него може да се загуби главата, како што и јас самиот замалку ќе ја загубев, изјави Јовановиќ, додека Петричиќ рече дека со „заминувањето на претседателот Александар Вучиќ, борбата за демокртија не е завршена, таа допрва започнува.“
Протестот беше најаван како непартиски, но на него учествуваа преставници на речиси сите опозициски партии во Србија.
Претходните две саботи протестните прошетки се одржаа под мотото „Стоп на крвавите кошули”, како одговор на нападот врз лидерот на опозициската партија Левица на Србија (ЛС), Борко Стефановиќ во Крушевац, а слоганот “Еден од пет милиони” следеше по коментирањето на првиот протест од страна на српскиот претседател Вучиќ, кој рече дека нема да исполни ниту едно барање на опозицијата, колку и да излезат на улиците да протестираат, дури ако се соберат и пет милиони луѓе и колку и долго да траат протести.
Вучиќ и синоќа го прокометира собирот, изјавувајќи дека „нема проблем со протестите, бидејќи секогаш излегувал посилен, а организаторите послаби“.
Организаторите најавија нови протести и наредната сабота, како и ширење на протестите во Нови Сад и во други градови.
ФОТО: EPA / KOCA SULEJMANOVIC