Во понеделник, 24 декември во 20 часот, во клуб-ресторанот “Портофино”, ќе биде промовиранo најновото ЦД издание на Петар Ренџов, насловено како „Jazzilka”.
Најновиот музички албум „Jazzilka“ (Џезилка), во содејство со повеќемина врвни музички инструменталисти, е создаден од потребата во Македонија да се продолжи со имплементирање на џез музиката во останатите музички жанрови, како врвна и есенцијална димензија во музичката уметност. Со естетика, потврдена од претходните негови изданија, Ренџов во „Jazzilka” се претставува како автор или аранжер на 13 композиции, нови возбудливи музички креации со текстови од истакнати автори од македонската книжевност и литература.
Новото издание на Петар Ренџов, „Jazzilka”, ќе биде претставено и концертно пред пошироката публика, во рамки на промотивните активности во 2019 година.
Авторот и гитаристот Петар Ренџов, долги години делува на македонската музичка сцена.
Тој е признат изведувач и учесник во преку 20 музички проекти, а неговото име е тесно поврзано со многу од познатите интерпретатори на забавната музика. Водител на „Котон Клуб”, емисија за блуз и џез музика на Алфа ТВ (2010-2012) год. и автор на три музички ЦД проекти – Сонот на невестата (2005), Темјаника (2009), Бела Салсита-Тумбао салса бенд (2014).