Визер ќе опслужува четири нови дестинации од Охрид и две нови од Скопје

3864

Нискобуџетната авкиокомпанија Визер беше избрана на јавниот повик за авиосообраќање во Република Македонија, кој, како што информираше на прес-конференција министерот за траспорт и врски Горан Сугаревски, завршил денеска, а компанијата ги исполнила сите услови и критериуми во повикот.

На третиот јавен повик, откако претходните два биле неуспешни, пристигнало само едно барање и тоа од Визер, а Сугаревски појасни дека иако во текот на целата година се правале разговори и со други компании, тие најверојатно не се пријавиле од ним познати деловни причини.

Согласно критериумите Визер има обврска да почне со оперирање на најмалку четири нови дестинации од аеродромот Свети Апостол Павле – Охрид и тоа првите две до 26 март 2019, а другите во рок од една година од денот на склучувањето на договорот и истите да ги опслужува за период за кој се доделува финансиска поддршка.

Компанијата има обврска да опслужува две нови линии од меѓународниот аеродром во Скопје до 26 март и да ги опслужува најмалку две години.

Во однос на финансиските средства, појасни Сугаревски,  предвидени се најмалку 312 милиони денари или околу пет милиони евра за период од 2019-2022. За следната година се предвидени 86 милиони денари, за 2020 204 милиони денари, за 2021 104 милиони денари, а за 2022 година 17 милиони денари.

– Владата на РМ преку Министерството за транспорт и врски ќе додели еднократна финансиска поддршка во износ од 40 илјади евра  за секоја нова дестинација воведена од Меѓународниот аеродром во Скопје и аеродромот Свети Апостол Павле – Охрид. За секоја нова дестинација од аеродромот во Скопје ќе се додели финансиска поддршка во износ од девет евра по патник во заминување во првата година од договорот, осум евра по патник во заминување во втората година, седум евра за третата година. За секоја нова дестинација воведена од аеродромот во Охрид ќе се додели финансика поддршка од 13 евра по патник во заминување во првата година, 12 евра во втората година и 11 евра во третата година – рече Сугаревски.

И честита на компанијата Визер и рече дека таа останува серозен партнер во авиосообраќајот на Република Македонија.

– Наша цел е да имаме квалитетен и безбеден авиосообраќај, а граѓаните да добијат што ппвеќе дестинации по поволни цени на авиобилетите – додаде тој.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...