По седумнаесет денови масовни протести, студентите во Албанија, најавија дека времено ги прекинуваат и оти ќе ги продолжат во јануари.
Во текот на денешниот ден студентите протестираа пред Парламентот каде се одржува пленарна седница.
Студентските протести ќе продолжат следниот месец, бидејќи Унверзитетите денеска ги затворија вратите поради божиќните и новогодишните празници, соопштија студентите.
Студентските протести минаа без инциденти и во сите изминати денови не дозволуваа да им се придружат политички партии, како и жителите од населбата „Астир“ кои протестираат четириесет дена, бидејќи нивните домови, над 300, треба да се урнат заради изградба на големата обколница во Тирана.
Тие имаа силна поддршка од средношколците, родителите и од обични граѓани.
Инаку, студентите одбиваа разговор со премиерот Еди Рама и министерката за образование и наука Линдита Никола, категорично барајќи исполнување на нивните барања.
Меѓу барањата поставени од студентите е двојно намалување на тарифата за студирање, во управите на универзитетите да има нивен претставник, подобрување на условите во домовите за сместување, зголемување на буџетот за високо образование, спроведување ветинг за професорите, односно проверка на потеклото на имотот.
Синоќешната одлука на Парламентот, со гласовите на владејачкото мнозинство, да се отфрли барањето на претседателот Илир Мета повторно да се разгледа буџетот за 2019 година, за студентите е „јасен одговор дека Владата нема намера да ги исполни нивните барања“.
Инаку, Мета не го потпиша указот за буџетот и го врати на повторно разгледување со барање за зголемување на средствата за високо образование