Градежниците бараат да нема застои на започнатите проекти

При донесување на деталните урбанистички планови треба особено да се внимава, бидејќи секое стопирање кога веќе започнал процесот на градба значи штета која не може да се надомести, смета претседателот на Градежната комора при Сојузот на стопански комори, Ивица Јаќимовски.

125

Градежниците бараат во најбрз рок да се донесат новиот Законот за урбанистичко планирање и Законот за градење.

Претседателот на Градежната комора при Сојузот на стопански комори, Ивица Јаќимовски ова го соопшти на денешниот состанок на претставници на оваа комора, на Стопанската комора на Северозападна Македонија и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

– Со донесување на Законите ќе се овозможи решавање на еден од најголемите проблеми изминатата година, блокирање на веќе одобрените детални урбанистички планови. Стопирањето на ДУП-овите ја доведе во прашање правната сигурност на инвеститорите во градежниот сектор кои трпат големи финансиски штети -рече  Јаќимовски.

Тој додаде дека при донесување на деталните урбанистички планови треба особено да се внимава, бидејќи секое стопирање кога веќе започнал процесот на градба значи штета која не може да се надомести.

На состанокот беше истакнато дека само со заедничка соработка меѓу бизнисот, Владата, Собранието и општините, може да се надминат присутните слабости во овој важен сектор за македонската економија.

– Веруваме дека следната година ќе има реализација без проблеми на најавените проекти во градежништвото. Токму затоа треба да работиме за да нема застој, поточно да се запазат предвидени законски рокови во градежништвото кои се од особено значење, бидејќи секое остранување на пропустите направени при проектирањето, ќе значи дополнително трошење на време и финансиски средства, кои неминовно се одразуваат врз градежниот сектор и економијата во целост. За следна година за капитални проекти предвидени се 418 милиони евра, а реализиција на планираните градежни инфраструктурни зафати значи раст на домашната економија – рече Јаќимовски.

Според него, растот и стабилноста на градежниот сектор значи стабилност и за 26 други стопански гранки директно поврзани со градежништвото.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...