Граѓаните поднеле околу 2.000 рекламации за изгубени пратки

131

Околу 2.000 рекламации поднеле граѓаните за изгубени поштенски пратки, покажува извештајот на Агенцијата за пошти што денеска беше јавно презентиран во Скопје.

Оваа бројка, според директорот на Агенцијата за пошти Влатко Атанасов, не го отсликува вистинскиот квалитет на услугата што се нуди и потребна е либерализација на поштенскиот пазар кој има потенцијал за развој.

Секогаш кога постои монопол и кога нема притисок од конкуренцијата, тогаш квалитетот на услугите е низок, вели Атанасов чиј мандат завршува како директор на Агенцијата за пошти.

– Токму поради постоењето на монополот, со оглед на тоа дека законски никој нема право да доставува пратки потешки од 50 грама, мојот став е дека токму недостатокот од конкуренција е причината за нискиот квалитет, а рекламациите не отсликуваат колку е низок тој квалитет. Кога пазарот би се отворил и кога некој би имал можност да работи во сегментот, претспоставувам дека таквите компании на прво место ќе го стават интересот на граѓаните и тогаш квалитетот на услугите ќе оди нагоре. Во сегашни услови кога повторно актуелната Влада предлага продолжува на монополот, не очекувам во иднина да се случи нешто позначајно – ќе продолжат услугите со низок квалитет и малиот број на рекламации заради комплицираните постапки за рекламации кои во „Македонска пошта“ се од стариот комунистички систем – изјави Атанасов.

Во однос на лимитот на царинење на пратките од електронската трговија, Атанасов вели дека огромната разлика меѓу износот за бесцарински увоз за лична употреба во патниот и во поштенскиот сообраќај отвора простор на злоупотреба.

– Со оглед на тоа дека дискрепанцата меѓу износот за бесцарински увоз за лична употреба во патниот сообраќај што изнесува 350 евра и во поштенскиот сообраќај со 22 евра, создава еден поширок проблем на злоупотреба на тие определби. Во тој систем се вклучени и службеници на Царинската управа и на МВР. Ова го тврдам со оглед на тоа што многу од одредбите за бесцарински увоз до 350 евра во патен сообраќај се злоупотребуваат за нелегален увоз и тоа е една од бариерите за развој на поштенскиот сектор. Податоците од минатата година покажуваат дека електронската трговија во меѓународни рамки достигнала еден трилион долари. Сите тие пратки некаде завршиле. И претходната и оваа Влада потпирајќи се на монополот што го има „Македонска пошта“ ја користат како претпријатие за вработување во кое само шалтерските работници украле околу два милиони евра, не ја гледаат потребата да излезат во пресрет на таа иницијатива – истакнува Атанасов.

Извештајот на Агенцијата за пошти за 2017 година покажува дека обемот на поштенскиот пазар бележи пад од девет проценти во споредба со 2016 година што се должи на намалувањето на обемот кај „Македонска пошта“ за 10 проценти.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...