Клиничка слава

На вработените на Клиниката за пулмологија и на нивниот директор д-р Докиќ им ја честитам клиничката слава Свети Никола, но ги замолувам од идната година да си ја слават само дома, а не на работа. Свети Никола е домашна, а не клиничка слава.

3867

Навистина не можам да разберам како нашиве „социјалдемократи“ излегоа толку поголеми „верници“ дури и од нашиве „демохристијани“, што со ваков занес и ревносност продолжуваат да го уриваат секуларизмот, ионака опасно начнат во времето на деспотот на Никола Груевски. Мешањето на црковните и државните работи, во крајна линија, не е ниту во духот на демохристијанската идеологија, уште помалку во согласност со социјалдемократската, а мислам дека не е ни по волјата на Бога.

Зошто тогаш со верски ритуал, со свеќи в раце, со поп и со молитва, со богата трпеза распослана на клупите во амфитеатарот, вработените на Клиниката за пулмологија, на чело со директорот д-р Дејан Докиќ, го прославиле верскиот празник Свети Никола? Да сум злобен, би помислил дека му го слават роденден на нивниот „заштитник“ Никола Будимпештански. Но ете, не сакам да бидам злобен и ќе се потпрам на објаснувањето на ова глупирање што доаѓа од самите лекари – замислете, овој верски празник бил прогласен за слава на Клиниката и се прославувал традиционално, секоја година!

Сум чул за разни слави, ама прв пат слушам за клиничка слава. Тоа му доаѓа нешто како клиничка смрт на секуларизмот. И тоа баш на Пулмологија, каде што директорува д-р Докиќ, еден умен и способен човек, посветен на својата професија. Страшно!

Дали тоа значи дека секоја клиника може да си има своја слава? А зошто би била привилегирана само Пулмологија? Дали тоа значи дека премиерот и министерот за здравство треба да шетаат од клиника на клиника, од слава на слава, за да ги испочитуваат „верските чувства“ на вработените?

На Пулмологија, како што е објаснето, вработените заедно си ги одбележувале и другите верски празници. Велигден, Бадник… Бидејќи верски празници има многу, а не бива славје без поп, можеби е практично клиниката и поп да си вработи. И оџа, по рамковен. И така на секоја клиника. Зошто не и во секое јавно претпријатие? А министерствата подолу ли да се?

Јас разбирам од каде доаѓа оваа засилена наклонетост кон верата екс официо (по службена должност). Таа е само рефлексија на праксата што ја форсираат луѓе од државниот врв. Сите ние слушаме дека нашите врвни раководители си имаат свои „духовници“, најчесто владици, со кои се консултираат за најважните приватни и државни работи. За еден од тие „духовници“ се тврди дека е исклучително влијателен. И сега, нормално, луѓето од вторите и третите ешалони во власта и во партијата на власт чувствуваат обврска јавно да ја демонстрираат својата посветеност на „верата“ и да се прават, како што се вели, поголеми католици од папата.

Е тоа ми пречи. Многу ми пречи. Затоа што не сум верник? Не, уште повеќе би ми пречело да сум голем верник. Зашто верските чувства се лични и се изразуваат само во лично својство, далеку од очите на јавноста. Сѐ друго е злоупотреба и чист популизам. Немам ништо против премиерот, министрите, лекарите и сите јавни службеници што чувствуваат потреба да се крстат, да се клањаат и да се молат, сѐ додека тоа не го прават пред камери. И секако, барам да не дозволуваат црковни лица на било кој начин да влијаат врз државните работи. Тоа е суштината на секуларизмот.

Како и да е, на вработените на Клиниката за пулмологија и на нивниот директор д-р Докиќ им ја честитам славата Свети Никола, но ги замолувам од идната година да си ја слават само по дома, а не на работа. Свети Никола е домашна, а не клиничка слава. А и невкусно е лекари, луѓето од кои очекуваме успешно да си ја вршат својата работа додека не дојде ред на Бога да се погрижи за својата, да гледаме со свеќи во рацете, со поп и на славска трпеза, макар и посна.

 

 

 

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...