Банкарскиот систем ја задржа стабилноста и оствари солидни резултати во третото тримесечје од годинава. Во овој квартал е забележан забрзан на растот на активата, што се должи и на кредитите на нефинансиските субјекти и на ликвидните средства, оцени Советот на Народната банка на Република Македонија по разгледување на Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во третиот квартал од 2018 година
„Во рамки на кредитите на нефинансиските субјекти, кредитите на домаќинствата придонесоа најмногу за кварталниот раст, и тоа пред сѐ оние во денари, што укажува на зголемена наклонетост на банките за овој вид кредитирање. Гледајќи од аспект на годишните промени, кредитирањето на нефинансиските субјекти на 30 септември 2018 година изнесува 8,3 отсто, наспроти 6,5 отсто на 30 јуни 2018“, стои во оценката.
Советот оцени дека кредитниот раст во третиот квартал бил поддржан и од солидниот раст на депозитите.
„Иако малку забавен на квартално ниво, годишната стапка на депозитниот раст заклучно со третиот квартал од 2018 година изнесуваше 10,9 отсто, наспроти 9 отсто на крајот на вториот квартал од годинава. Денарските депозити по видување од нефинансиските друштва и денарските и девизните депозити по видување од домаќинствата имаа најголем придонес за кварталниот раст на депозитите од нефинансиските субјекти“, стои во оценката.
Во текот на деветте месеци од 2018 година, банките остварија позитивен финансиски резултат од работењето. Притоа, главен носител на подобрениот финансиски резултат се пониските трошоци за исправка на вредноста што ги одразува активностите на банките за наплата на нефункционалните кредити, пред сѐ во првиот и вториот квартал од 2018 година. Стапките на поврат на просечната актива и просечниот капитал и резерви достигнаа солидни нивоа, од 2,2 отсто и 19,5 отсто. Оттука, растот на добивката се должи на влијанието на еднократни фактори, но и на редовните активности на банките.
„Растот на нефункционалните кредити позначително забави, со што учеството на овие кредити во вкупните кредити на нефинансискиот сектор минимално се намали до историски најниското ниво од 5 отсто. Нефункционалните кредити на домаќинствата забележаа раст, но забавен во однос на претходниот квартал, a во портфолиото составено од нефинансиските друштва, вкупните нефукционални кредити беа речиси непроменети“ се наведува во оценката.
Ликвидносниот ризик во третиот квартал се намали како резултат на зголеменото учество на ликвидните средства во вкупните средства на банкарскиот систем, а стапката на адекватност на капиталот изнесуваше 16,3 отсто, што упатува на солидно ниво на солвентност.
Општо гледано, на седницата, при разгледувањето на Извештајот беше нагласено дека остварувања на банкарскиот систем во третиот квартал од 2018 година се солидни во целина.