Одгледувачите на овци кои денеска протестираа во Скопје добија ветување од министерот за земјоделство Љупчо Николовски дека до 20 јануари ќе им соопшти дали барањата ќе им бидат прифатени.Тие по средбата со министерот за земјоделство Љупчо Николовски го запреа протестот.
-На средбата беше договорено по 20 јануари министерот да дојде во Велес и да ги соопшти решнијата. Дотогаш го ставаме протестот во мирување. На средбата ги повторивме нашите барања: 1.500 денари субвенции за грло овца и 1.000 за оставено женско јагне, како и поддршка од државата ако откупната цена на јагнето е пониска од производната, изјави за МИА Митко Јанков, одгледувач на овци од Велес.
Според Министерството, овчарството е стратегиска гранка поради што ќе биде преземно се што е потребно за да подобри состојбата.
– Предлозите ќе бидат анализирани и ќе видиме кое од предложените барања може најбрзо да се реализира. Веќе работиме на нови мерки за оваа гранка.Од следната година со Програмата за рурален развој е планирано зголемување на сумата за набавка на приплоден добиток од постојните 14 на 60 милиони денари, субвенциите за предадено овчо млеко од годинашните четири денари на 4,5 денари за литар предадено млеко. И следната година во Програмата за финансиска поддршка за 10 отсто ќе бидат зголемени субвенциите за сточарите со развоен потенцијал вклучително и за одгледувачите на овци. Не велам дека ова е доволно, затоа сме тука за да ги слушнеме и вашите предлози и заеднички да креираме мерки кои што ќе го развијат сточасртвото а вие како сточари ќе имате поголеми приходи – им рекол Николовски на одгледувачите на овци.
Тој информирал и дека од 2019 година преку програмите на МЗШВ за ЈП Пасишта ќе бидат одвоени 24,5 милиони денари за фотоволтаици, поила и корита за летните пасишта (трла) со овци. Од следната година ќе почне и електоронско преобележување на ситниот добиток вклучително и на овците, со што ќе се евидентира точниот број.