Најмалку 16 лица, меѓу кои и четири деца, загинаа откако нивниот чамец се превртел во близина на грчкиот остров Агатониси, што се наоѓа во близина на турското крајбрежје.
Станува збор за бегалци и мигранти кои од Турција се упатиле кон Грција, а од засега непознати причини се превртел нивниот чамец.
Според грчката крајбрежна служба, две жени и еден маж успеале да се спасат и да стигнат до брегот на островот, а на надлежните служби им рекле дека во чамецот се превезувале уште други 19 лица.
Од утрово во тек е спасувачка акција на грчката крајбрежна служба во која учествуваат бродови и хеликоптери, но и нуркачки единици.
Грчкиот министер за поморство Панајотис Курублис и неговиот заменик Нектариос Санторињос се информирани за случајот и се постојано во контакт со грчката крајбрежна служба.
ФОТО: EPA/ORESTIS PANAGIOTOU