За време на традиционалната годишна прес-конференција рускиот претседател Владимир Путин ги спореди агентите на тајните служби со новинарите.
– И едните и другите работат со информации – појасни Путин.
Еден од новинарите во салата го искористи своето време за прашање и го поздрави претседателот, кој долги години работел за КГБ, по повод денешното одбележување на Денот на припадниците на безбедносните сили во Русија.
– Благодарам, ви честитам и на вас. Кај нас во разузнавањето, контраразузнавањето, информациската дејност, работите се исти. Фактички станува збор за една и иста работа – информација. Вие се занимавате со информации и разузнавачките служби се занимаваат со информации – истакна Путин.
За денешниот настан се акредитирани повеќе од 1.700 новинари од речиси сите руски региони, како и од Азија, Европа и Америка. Ова е 14-та годишна прес-конференција на Путин откако дојде на власт во 2000 година.