Трамп: САД ја постигнаа целта во Сирија – ја поразивме ИД
loading...
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД ја постигнале својата цел во Сирија, односно победата над терористичката група „Исламска држава“.
„Ја поразивме групата Исламска држава во Сирија, единствената причина, според мене, поради која бевме таму за време на моето претседателство“, напиша тој на Твитер.
Американските медиуми коментираат дека со ваквата објава Трамп ги потврди информациите на претставници на неговата админситрација дека САД планираат да ја повлечат војската од Сирија.
Според весникот „Вашингтон пост”, кој се повикува на американски воени претставници, администрацијата на Трамп има намера да започне со целосно повлекување на својот контингент од Сирија, кој сега изнесува околу 2.000 лица. Според цитираните извори, одлуката е донесена вчера, но причината не е соопштена.
Весникот „Волстрит џурнал” пишува дека одлуката за повлекување е донесена лично од американскиот претседател по разговор со неговиот турски колега Реџеп Тајип Ердоган.
Турција ги смета за терористичка организација „Сириските демократски сили“ – курдско-арапска коалиција, која е сојузник на САД во борбата во Сирија против „Исламска држава”.
ФОТО: EPA / SHAWN THEW