Актерката и режисерка Пени Маршал, првата жена чиј филм заработи повеќе од 100 милиони долари, починала во понеделникот во својот дом во Лос Анџелес на 75-годишна возраст, објави во вторникот нејзината претставничка за медиумите.
Режисерска елита
Актерката позната по улогата на Синди Вилијамс во комичната серија „Лаверн и Ширли“, која се емитуваше од 1976 до 1983 година, починала од компликации поврзани со дијабетес, стои во соопштението.
Со хит-комедијата „Големиот“ со Том Хенкс во 1988 година влезе во режисерската елита и стана првата жена во историјата, која со еден филм остварила заработка поголема од 100 милиони долари.
Пени работеше со многу ѕвезди, меѓу кои Дензел Вашингтон, Мадона, Вупи Голдберг, Џина Дејвис, Роберт де Ниро, Робин Вилијамс, Витни Хјустон… Токму таа на Марк Валберг му ја понуди првата улога.
Во текот на 70-тите години беше 10 години во брак со режисерот Роб Рајнер, кој ја посвои нејзината ќерка од поранешната врска, Трејси Рајнер.
„Неблагодарна“ улога
Еден од нејзините први ангажмани била ТВ-рекламата за шампон за разубавување. Била ангажирана да игра девојка со леплива, неатрактивна коса, а актерката Фара Фосет била ангажирана да ја игра девојката со густа, брановидна коса. Додека екипата го осветлувала сетот, заменичката на Маршал носела транспарент на кој пишувало „Грда девојка“, а заменичката на Фосет носела транспарент на кој пишувало „Убава девојка“. Фара Фосет, чувствувајќи ја несигурноста на Маршал за нејзиниот изглед, го прецртала зборот „Грда“ на транспарентот и напишала „Едноставна“.
Два брака и пет внуци
Додека студирала на Универзитетот Њу Мексико, Маршал го запознала Мајкл Хенри. Го напуштила факултетот за да се омажи за него во 1961 година. Со него ја добила ќерката Трејси. Маршал работела како секретарка, а подоцна како учителка по степ. Бракот траел три години.
Маршал на 10 април 1971 година се омажила за актерот и режисер Роб Рајнер. Нејзиниот брак со Рајнер траел сè до 1981 година.
Пени Маршал има пет внуци од ќерката Трејси Рајнер.
ФОТО: Профимедиа