Проектирањето на првите 1,9 километри од автопатот Скопје-Блаце ќе биде завршено во текот на следниот месец, веднаш потоа ќе почне тендерирањето, а се очекува во следните неколку месеци да почне и изградбата на тој дел од делницата, најави денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
-Тој автопат е приоритетен и веднаш по завршувањето на автопатската делница од Миладиновци до Штип очекуваме да почне изградбата на првиот дел од автопатот Скопје-Блаце. Проектирањето за престанатите 10,5 километри ќе се работи во текот на следната година по што ќе почне изградбата на тој дел од автопатот- изјави Сугарески пред почетокот на конференцијата на тема „Македонија мегалополис” во МАНУ.
Најави дека во текот на следната градежна сезона ќе се интензивира изградбата на автопатот од Кичево до Охрид.
-Ќе има и сериозно интензивирање и на работите на автопатот Кичево-Охрид, бидејќи со анексот три се надмина проблемот во делот на средствата, но и сите останат четири-пет крупни проблеми кои ги имаше на тој автопат- рече Сугарески.