Бројот на убиени новинари поради нивната работа годинава двојно поголем од минатата

27

Бројот на новинари кои биле убиени во целиот свет како одмазда за нивната работа годинава е двојно поголем од минатата, стои во годишниот извештај на „Комитетот за заштита на новинарите“.

Организацијата со седиште во Њујорк утврдила дека до 14 декември 2018 година во светот се убиени најмалку 53 новинари од кои 34 биле жртви на одмазда поради нивната работа, додека минатата година тој број изнесувал 18 луѓе од вкупно 47 убиени новинари.

Во извештајот, кој е објавен денеска, е и убиството на колумнистот на „Вашингтон пост“ саудискиот новинар Џамал Кашоги – критичар власта во Саудиска Арабија, како и убиствата на Јан Куцијак во Словачка и Дафне Каруана Галиција на Малта. Според организацијата, исто така се зголемува и бројот на новинари кои одат во затвор. Освен убиствата од одмазда, новинари загинале и за време на борби, во вкрстен оган или при исполнување на други опасни задачи, стои во извештајот.

Најсмртоносна земја за новинари оваа година бил Авганистан каде биле убиени 13 новинари, меѓу кои и во самоубиствени напади организирани од страна на „Исламска држава“. Во Сирија и Јемен, и покрај тоа што се водат жестоки граѓански војни, се убиени најмалку новинари од 2011 година до сега- тројца во Јемен и деветмина во Сирија, за разлика од 31 во 2011 година. Тоа можеби се должи на ограничениот пристап и екстремниот ризик со кој се соочуваат новинарските екипи при посета на овие земји.

– Контекстот на оваа криза е разновиден и сложен, тесно поврзан со промените во технологиите кои им овозможија на повеќе луѓе да практикуваат новинарство и новинарите ги направија излишни за политичките и криминалните групи, кои некогаш имаа потреба од медиумите за да ги рашират своите пораки – се заклучува во извештајот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...