Украинскиот амбасадор во Србија, Олександар Александрович изјави дека Украина не ја поддржува трансформација на Косовските бебзедносни сили во Војска на Косово, но во исто време е и незадоволна поради тоа што вчера во Генералното собрание на ОН, Белград „гласаше против Украина“.
– Не го поддржуваме формирањето на Косовската војска, бидејќи не го признаваме Косово како независна држава. Треба да се почитува Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН – изјави Александрович, додавајќи дека дека ваквиот став произлегува од официјалната позиција на Украина дека не ја признава „едностраната независност на Косово“ и дека „Косово е суверен дел од Србија“.
Во исто време, тој на прес-конференција во Белград изрази жалење затоа што Србија вчера повторно „гласала против Украина“ во Генералното собрание на ОН.
Србија беше една од 19-те земји кои гласаа против резолуцијата, поднесена од Украина, против, како што нагласи амбасадорот, „милитаризацијата на Крим и на Азовското и Црно Море“.
– Србија можеше барем да се спротивстави – рече Александрович.
Резолуцијата, во која се наведува дека присуството на руската армија на Крим е во спротивност со националниот суверенитет, политичката независност и територијалниот интегритет на Украина и се осудува Русија за изградбата на мост преку Керчинскиот Теснец, беше усвоена со гласовите на 66 земји.
– За жал, не ни е јасен,потегот на Србија. А ние гласавме против членството на Косово во Интерпол – рече Александрович.