Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини денеска изјави дека е опимистка околу европската иднина на Србија, додавајќи дека земјата во соработка со Брисел, може уште побрзо да напредува на патот кон ЕУ.
– Оптимист сум кога станува збор за европската иднина на Србија и верувам дека со заедничка работа Србија може да напредува уште побрзо – нагласи Могерини на заедничката прес-конференција со српската премиерка Ана Брнабиќ, одржана по состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу Србија и ЕУ.
Могерини нагласи дека процесот на придружување на Србија кон ЕУ зависи од спроведувањето на неопходните реформи, изразувајќи уверување за натамошен напредок во клучните области, како владеењето на правото, независноста на судството и слободата на говорот.
Таа потенцираше дека еден од клучните елементи за Србија при напредокот во приближувањето кон ЕУ е и нормализација на односите со Косово.
Могерини уште еднаш повтори дека царините за увоз на стоки од Србија и Босна и Херцеговина што ги воведе Косово се во спротивност со ЦЕФТА и Договорот за стабилизација и асоцијација и ја повика Приштина да ја повлече таа мерка.
Брнабиќ, од своја страна, нагласи дека главен приоритет на надворешната политика на Србија е зачленувањето во ЕУ и дека Белград „не е фрустриран“ поради бројот на отворени поглавја во преговорите за членство во Унијата, ниту од темото со кое тие се одвиваат.
Србија досега има отворено 16 поглавја од преговорите за членство, а две се времено затворени.