Стапи во сила ревидираната Директива за аудиовизуелни медиумски услуги

122

По повод стапувањето во сила на ревидираната Директива за аудиовизуелни медиумски услуги, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги соопшти дека покрај на телевизиите и видеата на барање, таа сега  се однесува и на платформите за споделување видеа.

– Ревидираната Директива стапи во сила денес, а земјите членки на Унијата треба да ја имплементираат во своите национални законодавства најдоцна до 19 септември 2020 година. Како кандидат за членство во ЕУ, Република Македонија, има обврска својата легислатива да ја усогласи со европската – наведува АВМУ.

Најзначајните промени што се воведуваат се во насока на проширување на европските аудиовизуелни правила врз платформите за споделување видеа, за да се опфатат видеосодржините коишто ги генерираат самите корисници, а коишто ја обезбедуваат суштинската функционалност на сервисот.

Се предвидува воведување квота за европски аудиовизуелни дела за услугите видео на барање; зајакнување на принципот „земја на потекло“ – појаснување чии правила (на чија земја членка) се применуваат, при што тие важат и за медиумите и за давателите на услугите видео на барање; поголема заштита на малолетниците од штетни содржини на ТВ и на новите сервиси и платформите за споделување видеа; зајакнување на правилата против говорот на омраза, јавните провокации за извршување терористички напади, прекумерно насилство и порнографија, коишто, исто така, се однесуваат и на платформите за споделување видеа.

Исто така, со промените има поголема флексибилност во однос на телевизиското рекламирање, како и зајакнување на правилата за независноста на аудиовизуелните регулаторни тела.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...