Гаши: Ние сме посветени на дијалогот и го поддржуваме Тачи

73

Владата на Косово му порача на официјален Брисел дека го поддржува косовскиот претседател Хашим Тачи во дијалогот за нормализација на односите со Србија, „во рамките на неговите уставни надлежности“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Портпаролката на Владата, Донјета Гаши, по најновото писмо од високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и еврокомесарите за трговија и за соседска политика и проширување, Сесилија Мелстром и Јоханес Хан, изјави дека „Владата со сиот свој капацитет се залага за конструктивен дијалог“.

– Владата на Косово редовно комуницира со Европската унија. Ние сме посветени на дијалогот. Врз основа на надлежностите што ги има, Владата со сиот свој капацитет се залага за конструктивен дијалог и во исто време го почитува и поддржува претседателот во тој процес, во рамките на неговите уставни надлежности – изјави Гаши за „Коха Диторе“.

Медиумите во Приштина денеска го објавија писмото до косовскиот премиер Рамуш Харадинај, во кое Могерини, Малстром и Хан ги негираат неговите наводи, искажани вчера во Брисел, дека во досегашниот дијалог меѓу Приштина и Белград е направено многу малку.

Високите претставници на ЕУ исто така „го потсетуваат“ Харадинај дека преговорите со Србија од косовска страна ги предводи претседателот Тачи.

Косовското Собрание во неделата усвои Резолуција, со која се формира тим за преговори со Белград, а негови копретседатели се лидерот на Социјалдемократската партија на Косово (ПСД) и градоначалник на Приштина, Шпенд Ахмети и вицепремиерот и лидер на Социјалдемократската иницијатива (Нисма), Фатмир Лимај.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...