Добар потег на Шилегов

Опремувањето на скопските средни училишта со прочистувачи на воздухот е неопходно „лекување на симптомите“, односно на последииците од загадувањето. Парите што ќе се издвојат за тоа ќе им помогнат на нашите деца полесно да дишат и за тоа навистина вреди секој денар што ќе биде потрошен.

6323

Уште многу ќе се расправаме и ќе се караме ние со градоначалникот Петре Шилегов. Нашето Скопје е во тотален урбан хаос и е една од најзагадените метрополи во светот. Мандатот на Шилегов си тече и тој не може и нема да биде амнестиран од одговорност, ако не се потруди да пронајде и долгорочни, системски решенија за проблемите, но и да поведе брзи и енергични акции за „лекување на симптомите“, како што велат некои.

Власта мора жестоко да се критикува, но и кога нешто добро ќе се стори, редно е тоа да се регистрира, за тоа да биде поттик за натамошно добро владеење. Оттаму, иако веќе ја објавивме убавата вест, сакам уште еднаш да ја потсетам јавноста дека од вчера сите средни училишта во Скопје добиваат прочистувачи на воздухот. Конкретно, во 23 скопски училишта ќе се постават вкупно 572 прочистувачи на воздух, во секоја училница по еден.

Комплименти за Петре Шилегов. Комплименти уште еднаш и за кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, кој со приватна донација ги полни училиштата и градинките во својот град со прочистувачи на воздухот. Опремувањето на скопските средни училишта со вакви апарати ќе чини 11 милиони денари, што е ништо, ако мене ме прашате, бидејќи за таа сума илјадници средношколци ќе дишат чист воздух барем една третина од денот.

Сега е ред сите скопски градоначалници и сите други градоначалници во Македонија да ги опремат основните училишта и градинките со прочистувачи на воздухот. Таа акција мора да се истера бескомпромисно и наспроти упорните тврдења на некои луѓе дека со ова им се полнеле џебовите на трговците, дека прочистувачите не вршеле работа (има приказни дека биле дури и штетни) и дека е потребна директна акција да се запрат изворите на загадување.

За ефектите на прочистувачите не сакам воопшто да дебатирам. Врвни светски производители произведуваат вакви апарати. Дома имам еден и верувајте, врши огромна работа. Новинарите во Плусинфо работат во просторија опремена со прочистувач на воздухот. Напросто, овие апарати полека но сигурно стануваат дел од стандардната опрема за еден стан или деловен објект, како и шпоретот, фрижидерот, клима-уредот…

Што се однесува до потребата од директна акција за да се запрат изворите на загадување, неброено пати полемизиравме и заклучувавме дека таква акција е потребна. „Слободен печат“ во неколку наврати потсети на тоа кои се директните извори на загадувањето на Скопје (валканата индустрија, загревањето на индивидуалните објекти, сообраќајот итн) и посочи на можни конкретни решенија и директни акции, кои дури нема да предизвикаат ни буџетски трошоци и било какви финансиски импликации.

Сега е ред еколозите да се покажат на дело и да организираат вакви акции. Доста е од семинари и делење ум на Фејсбук. Ајде на терен. Нашата поддршка нема да изостане.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...