Законот за трговија на зелените пазари ќе почне да се применува од 1 јануари 2019 година, но можно е да се донесат измени во многу скоро време ако се констатираат какви било недоследности или ако се потврдат укажувањата на зелените пазари кои бараат негово одложување, рече денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
Тој најави дека оваа недела ќе има средба со претставници на Стопанската комора за да поразговара околу нивните забелешки и предлози што ги добил дури вчера.
-Не верувам дека измени ќе може да има овие две недели зашто предлозите ќе мора да се достават до Собранието, а имајќи ја предвид неговата агенда, не верувам дека до крајот на декември ќе може некој друг закон да помине, особено не некој што не е во процедура. Но, треба да биде јасно дека Законот е усвоен на почетокот од оваа година, на иницијатива на група пратеници, а Министерството за економија беше должно да ги донесе подзаконските акти. Сепак, мора да се има предвид дека треба да почекаме и да видиме како ќе се спроведе новиот Закон. Во моментот кога ќе констатираме заедно со коморите дека има недостатоци, секако ќе направиме измени и дополнувања- рече Бектеши.
Здружението на трговци на зелени пазари при Стопанската комора, вчера побара одложување на примената на Законот поради, како што укажа, ненавремено донесени подзаконски акти и немање дефинирани услови за тоа како ќе изгледа лиценцата за вршење дејност.