Наградите денеска ги доделија министерот за економија Крешник Бектеши, претседателот на Стопанската комора на северозападна Македнија (СКСЗМ) Неби Хоџа, претседателот на Сојузот на стопански комори (ССК) Данела Арсовска и Лазар Неданоски од Македонската развојна фондација за претпријатија.
Годинашните најдобри претприемачи се избрани во конкуренција од 112 претпријатија, од кои 70 мали и 42 микро кои ги исполнуваат неопходните четири услови: во последните три години да бележат раст на бројот на вработените, раст на приходите, на добивките и на инвестициите.
– Претприемништвото е моќен двигател на економскиот раст и придонесува за отворање нови бизниси, создавање нови работни места, проширување на пазарите и негување нови вештини и способности – истакна министерот Бектеши во обраќањето на манифестацијата.
Според него, оваа Влада го препознава значењето на малите и средните претпријатија кои се двигател на економијата и клучен фактор за нејзин развој.
Претседателката на ССК Арсовска напомена дека годинава, и покрај бројните предизвици посебно на политички план, има најголем број претприемачи кои се охрабрија да се позиционираат на пазарот.
Според претседателот на СКСЗМ Неби Хоџа, поддршката на претприемништвото од страна на државата е многу важна со оглед дека успехот на бизнисите не е секогаш гарантиран.
Како што беше речено, 112-те претпријатија кои влегоа во потесниот избор за претприемач на годината, беа избрани од вкупно 70.000 активни деловни субјекти во Македонија.