Концертна промоција на албумот „Мајчин јазик“ на Влатко Стефановски
Скопје, 17 март 2018 (МИА) – Влатко Стефановски вечера концертно ќе го промовира „Мајчин јазик“ – негов прв соло акустичен албум кој за регионот го објави „Кроација рекордс“ од Загреб. Вечерашниот е прв од трите концерти (17-ти, 18-ти и 20 март) за промоција на албумот, кои ги организира „Баги комуникации“ во Македонската филхармонија.
Новиот албум на најпознатиот македонски гитарист излезе во октомври, три години по претходниот негов албум „Сеир“. Содржи девет инструментални верзии на македонски народни песни, како и композиции од опусот на „Леб и сол“. Вокална композиција на албумот е само изворната македонска песна „Море, сокол пие“ во која стиховите ги пее Раде Шербеџија.
Стефановски изјави дека „Мајчин јазик“ е направен со минимум технологија, интимен зашто и се обраќа директно на публика. Снимен е во само неколку дена минатата пролет.
На обвивката на албумот е фотографија од неговата мајка, актерката Нада Стефановска, со гитара во рацете, од улога во претстава во 1946 година.
Специјални гости на концертите на Стефановски ќе бидат етно-групата „Љубојна“, српската етно-пејачка Биља Крстиќ и сопранистката Весна Гиновска-Илкова.
ФОТО: Facebook/Vlatko Stefanovski