Пред зградата на Унгарската државна телевизија синоќа протестираа околу 2.000 луѓе, барајќи независни медиуми и судство и изразувајќи незадоволство од Владата на премиерот Виктор Орбан.
Демонстрантите носеа транспаренти „Телевизијата го изгуби карактерот на јавен сервис“, истакнувајќи дека државната телевизија станала владино гласило.
На улиците беа распоредени стотици полицајци
Претходно, светските агенции јавија дека припадниците на обезбедувањето во текот на вчерашниот ден исфрлиле двајца пратеници од зградата на телевизијата откако се обиделе да прочитаат петиција во која се наведени барањата од протестите одржани во неделата, кога полицијата употреби солзавец против демонстрантите.
Во петицијата се бара повлекување на законот за работа, независност на јавните медиуми и судовите и приклучување на Унгарската канцеларија на обвинителството кон Европската унија.
Во Будимпешта во неделата протестираа илјадници граѓани против новиот закон за работа и, како што наведоа, „авторитативната Влада на националистичкиот лидер Виктор Орбан“.
Протестите под името „Среќен Божик на господинот премиер“ беа четврти по ред во последната недела, што ги организираат левичарските опозициски партии, група студенти и граѓани кои се против Владата на Виктор Орбан.
Партијата на Орбан, Фидес, реагирајќи на протестите во земјата, соопшти дека „се поочигледно е дека учесниците на протестот се криминалци организирани од мрежата на Џорџ Сорос“.
Со новиот закон за работа на работодавачите им е дозволено да бараат до 400 прекувремени часа работа годишно, поради што критичарите го нарекоа „закон за робови“.