Албанскиот претседател Илир Мета, го повтори својот став со кој барањата на студентите, кои протестираат веќе две недели, ги смета за легитимни и спроведливи.
Тој повторно апелираше до владата да одговори на нивните барања.
– Не може да ги избегне апелите, треба да одговори брзо, одговорно и одмерено на студентските протести што се случуваат во неколку поголеми градови во земјата. Мислам дека постои широк јавен консензус, според кој нивните барања се сметаат за легитимни и остварливи права, затоа нивниот глас мора да биде слушнат од сите – изјави Мета.
Тој го кажа ова деновиве, откако не го потпиша законот за буџетот за 2019 година и го врати во Парламентот, со барање да се зголемат средствата за високото образование.
Парламентарната група на Социјалистиката партија, пак, одлучи да го отфрли барањето на Мета за ревизија на буџетот за 2019 година. Сепак, Мета изрази верба во Парламентот.
– Верувам дека Собранието на Албанија ќе размислува за сеопфатна соработка со цел исполнување на овие праведни барања во најдобар интерес не само на студентите, туку пред се во најдобар интерес на целата земја – посочи Мета.
Според шефот на албанската држава, најголемото богатство на кое треба да се посвети поголемо внимание, отколку до сега,е младината и нејзиниот потенцијал.
– Големите и долгорочни инвестиции треба да бидат во квалитативното образование за сите млади луѓе. Професионалното усовршување на младите во сите области е неопходност. Без да направиме значителни и долготрајни промени во човечкиот капитал, ќе ни биде тешко да постигнеме повисок, поодржлив и сеопфатен економски раст – наведе Мета, кој присуствуваше на свеченост одржана во Академија за политички студии.
ФОТО: МИА