Генералното собрание на Обединетите нации вчера, со големо мнозинство, но без гласовите на САД и на Унгарија, го усвои Глобалниот договор за бегалците наменет за подобро решавање на тоа меѓународно прашање.
„За“ нацрт договорот за бегалците гласаа 181 земја, две беа „против“ – САД и Унгарија, додека три се изјаснија како „воздржани“.
Унгарија оцени дека на ОН не им е потребен „нов правен инструмент“ за решавање на прашањето со бегалците, додека американската администрација неодамна соопшти дека не се согласува со сите точки на текстот.
Новиот Договор, како и Глобалниот договор за сигурна, уредна и регуларна миграција, не е обврзувачки.
Документот за бегалците, кој е составен со помош на Високиот комесаријат за бегалци (УНХЦР), предвидува мерки за подобар одговор на земјите за масовен прилив на бегалци.
Договорот за миграции, кој неодамна беше усвоен на Конференција во мароканскиот град Маракеш, оваа недела треба да биде ратификуван во Генералното собрание на ОН. Овој Договор го усвоија повеќе од 150 земји.
Заговарачите на тој Договор наведуваат дека миграциите можат да им помогнат на националните економии со подмладување на работната сила во државите со постара работна сила и дека со уредувањето на миграцијата ќе бидат спасени многу животи.
Останатите кои се противат на Договорот тврдат дека тој ќе го доведе во прашање националниот суверенитет и стравуваат од голем број мигранти.