Петревска: Финансии може да ја активира работата на Институтот за сметководители

Речиси една година работата на Институтот е нарушена, a Министерството за финансии е единствената институција што може да ја активира работата на Институтот во полна функција за исполнување на стратешките цели, рече Петревска.

224

Законот за вршење сметководствени работи создава уникатна можност за унапредување на професијата сметководител како професија на иднината, изјави претседавачот на Собранието на Институтот за сметководители и овластени сметководители (ИСОС), Маја Петревска, на денешната конференција на тема „Функција и примена на Законот за вршење сметководствени работи“ организирана од Комора на сметководители.

Според неа, потребен партнерски однос со сите релевантни институции во насока на унапредување на сметководствената дејност.

Петревска потсети на нарушената работа на Институтот и улогата на Министерството за финансии во тој процес.

– Речиси една година работата на Институтот е нарушена, a Министерството за финансии е единствената институција што може да ја активира работата на Институтот во полна функција за исполнување на стратешките цели меѓу кои најзначјаните се усогласнување со меѓународните стандарди и членство во Меѓународната федерација на сметководители (IFAC), што значи зголемување на кредибилитетот на сметководителите, како и можност за извоз на интелектуалниот труд – рече Петровска

Таа додаде дека само со обединување на релевантните чинители може да се оствари оваа цел.

Ѓорги Грковски од Комората на сметководители рече дека комората континуирано работи кон подобрување на квалитетот при вршењето на сметководствените работи.

– Неопходно е обезбедување на соодветен квалитет при изготвувањето на финансиските извештаи и овозможување исклучиво право на потпис единствено на лице регистрирано како овластен сметководител, со што покрај одговорноста сметководителите како професија ќе имаат и соодветни права кои произлегуваат од нивните квалификации. Познато ни е на сите од каква важност се сметководствените извештаи и тоа како за корисниците на нашите услуги така и за општествената заедница, државата, банките и инвеститорите. Станува збор за склоп и успешно функционирање на сите фактори во насока на подигнување на стандардите за работа, како и расчистување со нелојалната конкуренција која го спушти нивото на сметководствената фела – рече Грковски.

На конференцијата беше заклучено дека сметководството треба да се издигне на многу повисоко ниво, сите закони да се донесуваат по претходни консултации во соработка со релевантните чинители во областа и заеднички да се дејствува за зголемување на интересот за сметководствената професија која сѐ повеќе старее, а е од исклучителна важност за бизнисите и државата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...