Билјана Пеева Ѓуриќ, в.д. извршен директор на Стопанската комора на Македонија, присуствува на годинешното Генерално собрание на Асоцијацијата на балкански комори (АБК) кое се одржува во Истанбул, Р. Турција, земја која годинава претседава со Асоцијацијата.
На Генералното собрание на Асоцијацијата на балканските комори (АБК) во Истанбул, воведен збор имаше господинот Рифат Хисарџиклиолу, претседател на Унијата на трговски комори и стоковни берзи на Турција и претседател на АБК. Високи претставници од стопанските комори во рамките на Асоцијацијата на балканските комори на Годишното собрание дискутираа за повеќе теми осврнувајќи се на: актуелните случувања во земјите-членки на Асоцијацијата на балканските комори, со акцент на економскиот развој и подобрување на функционирањето на коморскиот систем; потребата од поддршка и развој на стручното образование, а акцент ќе биде ставен и на темите поврзани со дигитализацијата и женското претприемништво.
Воведен збор имаше господин Рифат Хисарџиклиоглу, претседател на Унијата на трговски комори и стоковни берзи на Турција и претседател на АБК, кој посочи дека се потребни системски реформи во целиот регион и приспособување кон потребите на единствениот пазар бидејќи центарот на трговијата за овие простори е Европската унија.
Министерката за трговија на Р. Турција, Рушар Пекчан, само потврди дека Балканот е важна економска точка за турската економија, што се потврдува низ бројки. Меѓусебната размена на Турција со членките на Асоцијацијата на балканските комори се зголемува за 9% на годишно ниво.
На Генералното собрание излагање имаше и в.д. извршниот директор на Стопанската комора на Македонија, Билјана Пеева-Ѓуриќ, потенцирајќи дека Комората, како најстара и најбројна бизнис асоцијација во земјата, чии членки генерираат приближно 95 отсто од националниот БДП, претставува еден клучен ентитет, мост помеѓу стопанството и јавниот сектор, вклучена во креирањето на економските политики во земјата, која континуирано предлага бројни реформи кои требаа да бидат инкорпорирани во националните стратегии за економски развој.
– Изземајќи ја стагнацијата од 2017 година, физичкиот волумен на индустриското производство во просек бележи раст од околу 5% додека пак преработувачката индустрија која учествува со скоро 83% во целокупното индустриско производство на земјата бележи просечен раст од околу 5,4%. Најкарактеристично е тоа што во текот на изминатите години сѐ поголем удел и раст во истата заземаат потсекторите со средно висока и висока технолошка интензивност на сметка на трудоинтензивните дејности. Гледано наназад, во нашиот извоз до 2010 година, доминираат производите од трудоинтензивните гранки, но веќе од 2011 година на прво место во извозот почнуваат пополека да ги заземаат првите места производите со повисока додадена вредност. Со ова, ние како економија можеме слободно да кажеме дека сме во одредена фаза, па нека биде и на почеток на реиндустриjализација, преку премин од трудоинтензивни гранки кон гранките со поголема додадена вредност и производи со поголеми компаративни предности – истакна на Генералното собрание на Асоцијацијата на балканските комори Пеева-Ѓуриќ.
Таа додаде дека:
-Единствена развојна алтернатива која ѝ стои на располагање на Македонија како мала отворена економија се однесува на иницирање и интензивирање на процесите на модерна реиндустријализација (зголемување на учеството на преработувачката индустрија во БДП преку пренасочување на ресурсите кон индустриски гранки, сектори и потсектори кои имаат поголема додадена вредност и повисоко ниво на продуктивност) и извозна диверзификација (зголемување на бројот на извозни производи кои имаат повисок степен на финализација и ниво на комплексност, пораст на бројот на извозни компании и зголемување на бројот на земји каде земјата извезува).
Во таа насока, Стопанската комора на Македонија со реномирани меѓународни и домашни експерти во следниот период ќе работи на мапирање на тие стратешки индустриски сектори, потсектори и производи и детално проучување на одделните индустриски гранки (на ниво на производ) и нивната репродукциска поврзаност (вертикално и хоризонтално) со цел идентификување на развојните можности и потенцијали на земјата. За овој нов развоен модел, констатира в.д. извршниот директор на Комората, има согласност со носителите на економските политики во земјата и идните мерки и политики.
Сепак, за да може да се спроведат вакви реформи, од особено значење за нашето стопанство е расположливоста со соодветен кадар. Бројките покажуваат дека вработеноста од година во година се зголемува и од 36 отсто невработеност регистрирана во 2006 година, денеска бројот на невработени лица е околу 21 отсто.
– Најголем раст на вработувањата се во преработувачката индустрија, особено во потсекторите со повисока технолошка интензивност. Аналитички гледано, голема пропорција на невработени лица во овие 20-тина проценти се лица без или со ниска школска подготовка, за кои е потребно доквалификација и/или преквалификација со цел нивните вештини да бидат соодветни на потребите на пазарот на трудот. Тргнувајќи и од податокот дека во нашата земја стапката на невработени млади лица е многу висока, како Комора во изминатите неколку години се залагаме за спроведување реформи во образовниот систем, како и помасовно промовирање на моделот на дуално образование, бидејќи во моментов најограничувачки фактор за развој на економските активности е недостатокот на квалификуван кадар – констатираше Пеева-Ѓуриќ.
Имајќи го предвид регионалниот контекст кој го има Асоцијацијата на балканските комори, претседателот на Унијата на трговско-индустриските комори на Грција, Константинос Михалос, истакна дека подобрувањето на грчката економија е детерминирано од реформите на пазарот на трудот, подобрувањето на општата економска клима, зголемувањето на довербата помеѓу потрошувачите и бизнисите и слично. Планираниот раст за 2019 година на грчката економија е проектиран на 2,5 отсто, со што се очекуваат позитивни ефекти на регионот во целост.
На Генералното собрание на АБК во Истанбул се дебатираше и за улогата на Коморскиот инвестициски форум, за креирањето регионална платформа која има за цел да ја поддржи и да ја унапреди економската соработка помеѓу земјите од Западен Балкан со силна поддршка од ЕУ согласно Берлинскиот процес.
Мандатот на претседавачот на Асоцијацијата на балканските комори е една година. Почнувајќи од 2019 година, Стопанската комора на Албанија ќе го преземе претседавањето со Асоцијацијата.
Асоцијацијата на балканските комори (АБК) е основана во 1994 година во Романија, со цел создавање интеграција и развој на стопанската соработка во регионот. Членки на АБК, покрај Стопанската комора на Македонија, се и Стопанската комора на Албанија, Стопанската комора на Бугарија, Надворешно-трговската комора на БиХ, Стопанската комора на Црна Гора, Унијата на трговско-индустриските комори на Грција, Стопанската комора на Кипар, Стопанската комора на Романија, Стопанската комора на Србија и Унијата на трговски комори и стоковни берзи на Турција.