2019-та конечно ќе биде година на бизнисот, со консензус на сите субјекти во државата

286

Крајот на една календарска година обично со себе поведува процес на критичко осврнување наназад. На страниците на „Слободен печат“ повеќе од шест месеци направив еден експеримент и пишував за предизвиците на македонската економија, перспективите на регионалната соработка изразени низ работата на Коморскиот инвестициски форум, но и за низа позитивни примери во економијата кои треба да се одбележат.

Идејата дојде сосема случајно кога направивме анализа колку нашите иницијативи и со која брзина го здогледуваат светлото на денот таму каде што се наменети – за Владата на Република Македонија. Ние не бевме задоволни ниту од брзината, ниту од повратниот ефект. Тоа уште еднаш нѐ увери дека треба да го актуелизираме прашањето за дијалогот меѓу јавниот и приватниот сектор и регулирањето на односите меѓу државата и бизнисот.

Наредната година ни претстојат многу предизвици на тој план за да можеме на крајот идната година да ја наречеме година на бизнисот. Ние сме подготвени максимално да учествуваме во тој процес со сиот свој капацитет, искуство и знаење. За тоа имаме создадено и добри предуслови. Постигнат е потребниот консензус за моделот на економските политики со кои приоритет ќе добијат диверзификацијата на извозот и реиндустријализацијата.

Независноста на монетарната власт нема да биде доведена во прашање, ќе се работи стратегија за забрзан и одржлив раст, ќе го отвориме прашањето за единствен и моќен коморски систем, и се надеваме дека ќе станеме членка на НАТО. За таа цел, Стопанската комора на Македонија во новата година го засилува својот тим со вистински лидери во своите сектори, кои минатата недела беа избрани во органите на Комората: Антонио Аргир, претседател на Управниот одбор на „НЛБ Банка“ Скопје, Сашко Самарџиоски, генерален директор на „Прилепска Пиварница“, Гоце Вангеловски, генерален директор на „Кроација осигурување“, Катерина Бошевска, генерален директор на „ЕОС Матрикс“ и Нина Ангеловска, основач и директор на „Групер“. Убеден сум дека нивното искуство, но и ентузијазмот ќе придонесат за поуспешно работење на нашите органи. Нека им е честито раководењето со најстарата и најголема бизнис асоцијација.

п.с. Сето ова зборува дека бизнисот мора да побара посилна поддршка од медиумите и од јавноста. Затоа му се заблагодаруваме на „Слободен печат“ што ни даде можност да ги искажеме нашите ставови, но нема да се срамиме да побараме помош и во текот на наредната година, во која ќе се решаваат крупни прашања за економијата.

(Бранко Азески е претседател на Стопанската комора на Македонија и заменик претседател на Коморскиот инвестициски форум)

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...