Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски како дел од Саемот за кариера, денеска пред младите во Битола ја презентираа новата мерка од Оперативниот план за вработување, која се однесува на брзорастечките иновативни бизниси. Предвидено е оваа нова мерка да се вклучи во постоечката Програма за поддршка за самовработување. Фокусот ќе биде ставен на младите претприемачи, а освен финансиската помош со мерката се нуди и експертска помош, како и можност за понатамошно финансирање на компании основани со оваа Програма преку инструментите на Фондот.
– До сега, од страна на државата не се нудеше заокружен систем на поддршка за основање на ваков тип на бизнис, што ќе содржи како експертска така и финансиска поддршка. Целта на оваа програма е дел од средствата наменети за грантови за самовработување да се искористат за создавање основа за развој на брзорастечки бизнис, кој понатму ќе продолжи да се финансира преку Фондот за иновации и технолошки развој – рече министерката Царовска која ја презентираше мерката.
Царовска потенцираше дека сите постојни инструменти за поддршка на Фондот се однесуваат на веќе основани претпријатија и не ја опфаќаат фазата на развој од „идеја“ до „докажан концепт“ или „прототип“. Новата мерка ќе го прошири опфатот на финансирање на иновации кон целна група – физички лица и кон делови од иновативниот циклус кои до сега не се опфатени преку инструментите на Фондот.
Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски истакна дека со оваа мерка ќе се понуди специјализирана обука и финансиски средства за сите млади луѓе кои имаат идеја и потенцијал за формирање на брзорастечки компании.
– Со новата мерка се предвидува формирање на таканаречена ИНГрупа која ќе се формира од лицата кои поднеле апликации со иновативен потенцијал. Очекуваме дека во следната година 150 млади луѓе ќе ја искористат оваа можност и ќе основаат свој бизнис, со кој дополнително ќе се креираат нови работни места – рече Деспотовски и додаде дека со ова се зајакнува фокусот кон младите и е надоврзување кон постоечкитеинструмент на Фондот со кој се нуди поддршка за стартап компании.
Воведувањето на оваа мерка треба да придонесе за поголема оддржливост на Програмата за самовработување и креирање на позитивен циклус на дополнителни вработувања во брзорастечките бизниси. Истовремено во ФИТР ќе пристигнуваат поголем број поквалитетни апликации од новоосновани компании.