Српската премерка Ана Брнабиќ изјави дека денешниов ден кога Собранието во Приштина гласаше за законите за трансформација на Косовските безбедоносни сили во војска на Косово, „не е ден кој придонесува кон стабилност во регионот“, додавајќи дека Србија ќе продолжи со својот пат кон стабилност и мир.
Коментирајќи го формирањето на косовската Војска, Брнабиќ рече дека ова е тежок ден за неа и дека верува оти без стабилен регион нема ни стабилна Србија или која било друга земја во регионот.
Според неа, како што јави дописникот на МИА од Белград, подобро е да се зборува за соработка, наместо земјите да подигаат бариери и да размислуваат како да се спречи соработката.
Во врска со фомирањето на косовската Војска се огласи и српскиот министер за одбрана Александар Вулин, кој изјави дека се „согледува состојбата во Косово“ и дека Војската на Србија е „подготвена да ја исполни која било наредба на врховниот комадант, претседателот Александар Вучиќ, кој е информиран за сите детали“.
– Тоа е наша задача. За тоа каква наредба ќе се донесе, одлучува врховниот комадант – изјави Вулин.
Српскиот претседател Вучиќ, заедно со Вулин и началникот на Генералштабот на Војската на Србија, Милан Мојсиловиќ, од синоќа во следните 72 часа е во посета на повеќе единици во копнената безбедносна зона на границата кон Косово.
За денеска во Белград е најавена и вонредна прес-конференција за настаните во Приштина на директорот на спската владина Канцеларија за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ.