Откако беше објавено дека фирмата „Атриум“ на братот на пратеникот Крсто Мукоски, Бобан добила уште еден тендер од Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор (АДСДП), од Акционерското друштво се јавија со реакција наведувајќи дека постапката била транспарентна.
„Во целата постапка доследно и во целост е испочитувана постоечката законска регулатива. Фирмата е избрана во транспарентна постапка, согласно законот за јавни набавки. Според критериумите во тендерската документација и огласот за јавна набавка понуди поднесоа 4 економски оператори. На евалуацијата спроведената од страна на Комисијата за јавни набавки беше утврдено дека прифатливи понуди имаат дајца понудувачи кои беа поканети да учествуваат на електронска аукција. Со оглед дека критериум за доделување на договор за јавна набавка е најниска цена, по спроведената електронска аукција најниската понудена цена беше од фирмата „Атриум““, пишува во реакцијата на АДСДП.
Оттаму наведуваат и дека претходното работење на „Атриум“ и извршувањето на договорните обврски со АДСДП е предмет на предистражни дејства на надлежни државни институции.
„На денот на јавното отворање на тендерот, за оваа фирма немаше објавено негативна референца на електронскиот систем за јавни набавки , што значи дека немаше законска пречка оваа фирма да учествува на тендери за јавни набавки. Секое постапување спротивно на важечката законска регулатива, односно евентуално отфрлање на понуда без законска основа е спротивно на законот за јавни набавки повлекува санкции“, посочуваат од Акционерското друштво.